Бирото за јавни набавки одобри набавка на нафта за ЈСП со непосредна спогодба, па така ЈСП обезбеди набавка на гориво за автобусите од ЈСП Скопје, пренесе Алсат. Според информациите, обезбедена е нафта во вредност од околу 120 милиони денари или околу два милиони евра. Се дознава дека во оваа набавка без објавен тендер имало само еден понудувач. Оваа итна постапка е одобрена од Бирото за јавни набавки по наредба на Владата.
Интервентната набавка ќе се спроведува до склучување на редовниот договор преку тендерот. СДСМ ја обвинува власта дека игра партиски игри со блокадите дека, како што велат, политичките пресметки меѓу Мицкоски и Арсовска се на сметка на граѓаните на Скопје и треба да се запрат.
Проблемот со јавниот превоз во Скопје кулминираше пред една недела кога автобусите на ЈСП останаа паркирани во гаражите поради недостаток на нафта. Проблемот е привремено надминат со одлуката на Владата, со која на градот Скопје му се позајмува гориво за седум дена од државните нафтени резерви./Алсат.мк