Лука Јовиќ ја остави Србија во игра за осминафиналето со голот во петтата минута од судиското надополнување на времето за реми 1:1 со Словенија во второто коло од групата Ц на Европското фудбалско првенство во Германија.
Словенците беа многу блиску до својата прва победа на еврошампионатите откако Карничник во 69. минута ги доведе во водство, а нерешениот резултат дополнително ја искомпликува ситуацијата во групата, во која последното коло ќе ги даде патниците меѓу 16. најдобри селекции на стариот континент.
И Англичаните можат да жалат што уште вечерва не му се придружија на домаќинот Германија во следната фаза, бидејќи по 18 минути водеа со погодокот на Кејн, пред да израмни Хјулманд во 34. минута со хируршки прецизен удар по земја од 28 метри, кој заврши со одбиена топка од десниот дирек во мрежата на Пикфорд.
Големото дерби меѓу Шпанија и Италија ѝ припадна на „фуријата“, која славеше со 1:0 со автоголот на Калафиори во 55. минута и обезбеди осминафинале.