Јован Деспотовски ја поздрави градбата на новата инвестиција во ТИРЗ Кичево

Особено ме радува што реализацијата на проектот се одвива според договорените рокови од Договорот за инвестиција, кој го потпишавме во мај 2023 година.

  • Им честитам на „Авеста Батерис енд Инжинеринг” (АБЕЕ) за официјалниот почеток на градежните работи во ТИРЗ Кичево, рече Деспотовски.

Оваа инвестиција, со вкупна вредност од 40 милиони евра, претставува важен чекор за развој на регионот, носејќи над 600 нови работни места за нашите сограѓани. Ваквите проекти имаат директно влијание врз подобрување на животниот стандард на населението и отвораат нови перспективи за локалната економија.

Она што е особено позитивно е дека новата Влада го продолжува тоа што го започнавме. Континуитетот во реализацијата на вакви стратешки инвестиции е клучен за просперитетот на нашата земја. Ова покажува дека кога во работата ја ставате Македонија на прво место, придобивките се за сите граѓани.

  • Посакувам успешна и брза реализација на овој проект, со надеж дека истиот ќе биде пример за многу други инвеститори кои веќе ја препознаваат Македонија како стабилна и атрактивна бизнис дестинација, рече Деспотовски.

Инаку, изградбата на фабриката за батерии се очекува да има значително влијание врз економскиот развој и извозот на земјата. Премиерот Мицкоски изрази очекувања дека проектот ќе достигне извозна вредност од половина милијарда евра во следните 6 до 7 години.

  • „Очекуваме извозот да достигне половина милијарда евра во период од 6 до 7 години. На почетокот тој ќе изнесува околу 50 милиони евра, но ќе расте со текот на времето,“ истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Оваа инвестиција ќе го зголеми извозниот капацитет на земјата, а според владините прогнози, ќе има позитивен ефект врз локалната економија и индустриската конкурентност.

Очекувањата на властите се дека со оваа инвестиција ќе се зајакне локалната економија и дека ќе придонесе за намален број на иселени млади од државата.