Јанев по повод Денот на полицијата: Никој не е над законот, функцијата никого не штити! Разбиени се криминални и наркобанди, терористички келии!

По повод одбележувањето на 7 мај, Денот на полицијата на Република Македонија, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев испрати порака до раководните лица во Бирото, во која нагласува дека функцијата никому не му е штит и оти никој не е над Законот. Јанев истакна дека во изминатите десет месеци со својата работа новото раководство на МВР докажа оти институцијата може да биде и праведна и силна.

„Го засиливме оперативното работење, го зголемивме нашето присуство, воведовме нови оперативни модели на работа, ја започнавме новата ера преку дигиталната преобразба. Оваа преобразба не е само технолошка, туку е и човечка.
Дигитализацијата не е луксуз, или избор: таа е потреба на современото време. Таа претставува трансформациски процес, што овозможува точна проценка на ефикасноста, целосна видливост на секој чекор и споредливост на резултатите. Со тоа, ефикасноста и отчетноста се очекуван, мерлив и незаменлив стандард на полициската работа.“ – посочи, меѓу другото, Директорот на Бирото за јавна безбедност на Република Македонија.
.
Тој укажа дека на припадниците на македонската полиција им се потребни нови вештини, но и институционално паметење и трајни вредности и оти, заради постигнување на тие цели, се вложува во обуки, стандарди, во поддршка и тимска работа. „Ја зајакнуваме соработката, им подаваме цврста рака на локалните заедници, неуморно работиме да ја вратиме довербата кај граѓаните. Соработуваме со сите оние, што секојдневно живеат со последиците и недоумиците дали безбедносниот систем функционира, или не.“ – напомна Јанев.

Тој истакна дека македонската полиција во последниот период цврсто се позиционира на меѓународната мапа, се издигнува во искрен, рамноправен и силен партнер на агенциите за спроведување на законот од регионот, Европа и светот. „Преку заедничко и координирано работење придонесуваме за регионалната и глобалната безбедност.“ – подвлече директорот на Бирото за јавна безбедност Јанев.

„Сакам да им се обратам на сите раководни лица од Бирото за јавна безбедност, на сите кои како раководство им дадовме шанса, поддршка: Функцијата не ви е трофеј, таа е одговорност. Не заборавајте дека никој не е вечен. Во едно современо општество не владее поединецот, туку правото. Ако заборавивте зошто сте таму, ќе ве потсетиме, ако мислите дека функцијата ви е штит, грешите. Ние не сме тука за да владееме, ние сме тука да служиме со чест, со работа, со интегритет. Никој не е над законот, па дури ни никој од нас.“ – порача Јанев.

Според него, најважно е што ја почнале најрешителната борба против криминалот и корупцијата. „Без калкулации, без наш и ваш, разбиени се криминални банди, нарко-мрежи, терористички келии. Расчистени се децениски нерасчистени убиства откриени се злосторства поврзани со изнуди, нелегална трговија со луѓе, злоупотреби во институции, нелегални игри на среќа. Ја браниме Македонија од внатре и затоа праќаме една силна порака до нечесните: криминалот не е исплатлив, криминалот нема иднина. Македонија повеќе не е вашиот дом. Ова е држава, во која владее законот и во која не царуваат вашите валкани зделки.“ – рече Јанев.