Ѕакањи ја шокира Хрватска, Торес ги спакува Албанците

Резервистот Ѕакањи со својот прв гол за Италија, и тоа во последната од осумте минути судиско надополнување, ги фрли во очај Хрватите, кои водеа преку Модриќ уште од 55. минута и се гледаа себеси во осминафиналето на Европското фудбалско првенство во Германија, а ремито 1:1 им ги сведе шансите за тоа само на теорија.

Модриќ се извади за пеналот што само една минута претходно му го одбрани Донарума, но „коцкестите“ доживеаја шок како во претходниот дуел со Албанија, кога исто така примија гол длабоко во надоместувањето на времето и исто така само ремизираа (2:2).

Италијанците со 4 бода завршија втори во групата и изборија дуел за четвртфинале со Швајцарија в сабота во Берлин.

Албанија, без суспендираниот Мирлинд Даку од УЕФА за пцуењето на Македонците по мечот со Хрватите во Хамбург, го заврши настапот на ЕП со пораз од 1:0 од Шпанија, која веќе имаше обезбедено пласман меѓу најдобрите 16 селекции, но ја потврди фаворитската улога преку Торес во 13. минута.