По неколку месечни интензивни дипломатски напори и преговори „Декларацијата за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, беше потпишана на 22 февруари 1999 година во Софија.
Наместо да стане документ за подобрување на односите меѓу двата блиски народи и држави таа прерасна во камен на сопнување откако тогашниот премиер Љубчо Георгиевски од тогашната опозиција на СДСМ беше нападнат дека извршил национално предавство затоа што прифатил да потпише документ со кој се негира македонскиот јазик и македонската нација.
Тогаш според СДСМ потпишувањето на декларацијата на „уставните јазици на двете држави“ при што се потенцира Македонскиот јазик согласно уставот на РМ значеше дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и следствено на тоа и на македонската нација. Од Бугарска страна документот го потпиша тогашниот бугарски премиер Иван Костов.
Бугарската страна сега најави дека и „Договорот за добрососедство“ што ќе биде потпишан на Илинден ќе биде парафиран според истиот терк, на македонски и бугарски јазик согласно уставите на двете држави.
Со декларацијата од 1999 година двете земји преземаа обврски за кои што во текот на предходните 18 години често пати Бугарија или Македонија се жалеа дека биле прекршувани.
Декларација за пријателство и соработка
- Двете страни нема да преземаат, поттикнуваат и поддржуваат една кон друга дејства кои имаат непријателски карактер.
- Ниту една од страните нема да дозволи нејзината територија да биде користена против другата од организации и групи кои имаат за цел извршување субверзивни и сепаратистички дејства или дејства насочени кон загрозување на мирот и безбедноста на другата земја.
- Двете страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.
- Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија.
- Двете страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобро-намерната пропаганда од страна на институции и агенции и нема да дозволат активности на приватни лица насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејства кои би наштетиле на односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
- Декларацијата е потпишана во Софија на 22 февруари 1999 година на уставните јазици на двете земји – македонскиот, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски, согласно уставот на Република Бугарија, при што двата текста имаат еднаква важност”.