Што разговарал премиерот Заев со бугарските негатори на македонскиот идентитет?

Премиерот Зоран Заев на 16 јуни во Скопје имал средба со бугарскиот бизнисмен и филантроп  Д-р Милен Врабевски и со бугарскиот Европратеник д-р Андреј Ковачев кои штo го посетиле Скопје.

Средбата со македонскиот премиер се случила пред најавената посета на Заев  на Бугарија каде ќе разговара со премиерот Бојко Борисов и други бугарски претставници во обид да ги намали тензиите кои ги карактеризираа односите меѓу двете земји во последниве години.

Средбата во Скопје била иницирана од страна на д-р Милен Врабовски, претседател на бугарската фондација „Бугарска памет“ а е остварена во присуство на струмичкиот митрополит и член на светиот синод на МПЦ – ОА владиката Наум.

Според порталот татковина.инфо кој за себе вели дека е основан од вистински македонски патриоти средбата имала за цел: „да ги допре проблемите од двете страни на границата, како и да има предлози за зајакнување на добрососедските односи меѓу двете држави. Разговорот поминал во приjатна атмосфера а темите покривале конструктивни иницијативи за успешна билатерална соработка во рамките на евроинтеграциjата“.

 

 

 

Што работи фондацијата на Врабовски?

Пред дваесетина дена претседателот на фондацијата „Бугарска памет“ Врабовски беше во посета на општините Билишта и Корча во Албанија каде што разговарал за соработка на локални иницијативи со неговата фондација. Зад оваа формулација се крие обид на бугарските активисти да влијаат на Македонците во Албанија да се прикажат како Бугари.

Според официјалните известувања од фондацијата, Милен Врабовски заедно со претседателот на фондацијата „Решенија за иднината“ – екс претседателот Росен Плевнелиев и европратеникот Андреј Ковачев активно работат на признавањето на бугарското малцинство во Република Албанија односно за Бугари ги претставуваат Македонците во оваа земја.

Во последниве неколку години бугарските власти и неколку невладини организации со финансиска помош и со нудење на бугарски пасоши со кои албанските граѓани полесно патуваат и наоѓаат работа во ЕУ се обидуваат да докажат дека Македонците во Албанија се всушност Бугари за што во повеќе наврати информираа претставниците на македонската заедница во оваа земја.

Во рамки на овие напори според Врабовски во селото Билишта дошло до средба со директорот на училиштето во Билишта каде што се изведува настава на македонски јазик а Врабовски во свето соопштение говори за „паралелки за изучување на бугарскиот јазик“.

 

Во јавноста нема информации за средбата со гостите од Бугарија

Иако според објавената слика од средбата меѓу бугарските гости, премиерот Заев и владиката Наум, таа се случила во просториите на македонската влада ниту на веб -сајтот на владата ниту на партиската страница на СДСМ нема информација за овој состанок.

Како се случило премиерот да оствари средба со овие негатори на македонското национално малцинство во Албанија и негатори на постоењето на Македонската нација одговор треба да дадат премиерот, неговиот кабинет или прес службата. Во исто време јавноста очекува и официјални информации за што точно е разговарано со луѓето кои што во Брисел лобираат за бришење на Македонците од графата на национални малцинства во Албанија, Бугарија и Грција.

Ковачев ги негира и Македонците во Бугарија

Европратеникот Андреј Ковачев за македонската јавност покрај по низата антимакедонски изјави е познат и како творец на резолуцијата со која Европскиот парламент го призна бугарско малцинство во областите во Албанија каде што живеат Македонци.

Ковачев е член на партијата ГЕРБ на бугарскиот премиер Бојко Борисов со кого премиерот Заев треба да се сретне во Софија.