Што е следно? Албанска фудбалска лига?! – Пишува Роберт Димитриевски

Која е поентата за формирање Албанска академија на науките и уметностите во Македонија при жива и здрава МАНУ, во која потпретседател е Алајдин Абази, а членови Абдулменаф Беџети, Изет Зеќири, Али Алиу, Реџеп Мејдани? Што ќе добијат Албанците во Македонија со уште една институција со слични области на интерес како Јавната национална установа „Институт за духовно и културно наследство на Албанците“? Чуму академија на Албанците и во држава во која не се мнозинство по тие во Албанија и во Косово, каде што се доминантни?

Како главна причина за ваквиот чекор се наведува (не)правичната застапеност, односно малиот број на Албанци во МАНУ. А притоа не се споменува дали и колку потенцијални академици од албанска припадност се пријавиле на некој од изборите за нови членови на секои три години и не биле примени, за да се поткрепи тврдењето за наводна дискриминација. Ако некој има(л) против Албанци во Македонската академија на науките и уметностите, како тогаш наброените погоре од актуелниот состав или покојните Луан Старова и нобеловецот Ферид Мурад, на пример, ги исполниле строгите научни критериуми и станале членови?

Како тоа некому му пречи бројот на негови сонародници во една институција, а не му е проблем во друга? Па, довчершниот прв вицепремиер Артан Груби ќе пролее крокодилски солзи за укинувањето на балансерот како „почеток на уривање на рамноправноста“. А токму во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците што го водеше тој од 294 вработени над 90 проценти беа Албанци, само петмина Македонци и ниту еден Турчин, Ром, Србин…

Гетоизирањето во етнички табори е последното нешто што му е потребно на мултиетничко општество какво што е македонското. Финансирањето паралелни институции со средства од општини со значителен број неалбански заедници, како во случајов Тетово, Гостивар, Чаир и Желино, уште помалку. Најмалку во средини со наталожени комунални проблеми да се трошат пари од граѓаните за нешта што веќе ги има.

Ако бројките се доволен преттекст за незадоволство и за самоизолирање, што ли ќе биде следно во жална Македонија? Покренување Албанска фудбалска лига ако во сегашната Прва македонска фудбалска лига најмногу бодови собере и стане шампион Вардар, Работнички или Силекс, а не Шкендија, Шкупи или Струга Трим Љум?!

(Илустрација: Глоби.мк)