И нашите и шпанските фудбалери попладнево тренираа на Телеком арената во Скопје, за да го почувствуваат теренот на кој утре (20.45) ќе се судрат во квалификацискиот меч за Светскиот шампионат во Русија. Гостите со сите ѕвезди предизвикаа многу интерес, а во нашиот табор беше далеку помирно. Ние сме свесни за позицијата што ја имаме во дуелот со фудбалската велесила.
“Без разлика колку е силен противникот, очекувам моите фудбалери да го дадат максимумот и да го одиграат најдобриот натпревар”,вели нашиот селектор Игор Ангеловски.
Во шпанскиот тим, типично за големите селекции, размислуваат само за својата игра и не се осврнуваат на нас.
“Македонија игра добро, но нас не интересира само нашата игра. Важно е ние да одиграме добро. Сакаме три бода од овој меч и тоа е она што е важно за нас”, е размислувањето на предводникот на фуријата, Хулен Лопетеги.
Шпанските фудбалери кои не знаат за пораз во овие квалификации имаа забелешки на теренот во Скопје, но и тие се сложија дека тоа не може да биде алиби или пресудно за конечниот резултат.