Шокантни ставови на Тахири: Албанците се нелојални кон државата Р*М и колективно ја отфрлаат со нејзиното знаме, химна и грб?!

„Ако се игра фудбалски натпревар меѓу * Македонија и Косово и Албанија, без ниедна дилема Албанците во земјата ќе навиваат за новата држава Косово и албанската држава! Колективното отфрлање на државата од страна на Албанците, со политичка упорност, е резултат на фактот што химната и знамето на државата, во која живеат, но и нејзиниот грб, не изразуваат ниеден елемент, или карактеристика, што припаѓа на албанската историја, или етнокултурен идентитет. Тие не содржат ништо, што го нагласува албанскиот придонес во градењето на државата * Македонија.“ – изнесува д-р Сефер Тахири во својата шокантна колумна со наслов „Албанците ги отфрлаат химната и знамето“. Тој е вонреден професор во Институтот за комуникациски студии, предавач во  Факултетот за јазици, култури и комуникација при Штуловиот универзитет во Тетово, како и постар истражувач во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

Тахири пишува: Дури и ако * Македонија игра против друга земја, големото мнозинство Албанци ќе навиваат за својата земја, се разбира под услов противникот да не биде Србија, Русија, Белорусија, или која било друга земја која историски немала добри односи со Албанците. Грција на пример! Кога играат * Македонија и Албанија, фудбалерите на оваа земја стојат стоички кога се свират двете химни, додека ја пеат албанската национална химна, ако не гласно, тогаш сигурно со срцето. И химните се пеат со срце! Нема ниедна дилема дека албанските граѓани со голема гордост и со сето срце пеат за знамето со орелот!

Точно е дека Албанците изразуваат нелојалност кон нивната држава, поради децениското систематско институционално дискриминаторско однесување кон нив, само затоа што имаат различна етничка припадност од македонскиот народ. Дека химната е непопуларна кај Албанците докажуваат и заедничките реакции на албанските граѓани пред неколку месеци кон идејата на министерката за образование и наука Весна Јаневска средношколците да ја пеат химната на почетокот и на крајот на секоја учебна година, како и за време на одбележувањата на училишните патронати. Дури и да се донесе овој закон, тој ќе биде неспроведлив.

Сигурен сум дека повеќето од вас никогаш не сте ја слушнале или не го знаете текстот на химната, дури ни повеќето политичари, пратеници, министри и државни функционери, затоа што не ја чувствувате оваа химна како ваша. Тоа е така, затоа што таа химна е етноцентрична, не е кохезивна (поврзувачка), не е опфаќачка, туку е исклучувачка, таа говори и ја издигнува на пиедестал само борбата само на Македонците за ослободување и државност, притоа негирајќи ги историските напори на Албанците за создавање на оваа држава во Втората светска војна и подоцна во комунизмот. И по војната во 2001 година албанскиот политички спектар, без разлика дали е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, не успеа да го промени националниот концепт на државата во симболична смисла.

Кога се појави идејата за промена на државниот грб, албанскиот партнер во владата, коалицијата Вреди предложи грбот да се усвои в пакет со химната, предлагајќи химна без текст, или со два текста: едниот за Албанците, а другиот за Македонците. Но, хистеричните реакции кон овие идеи докажуваат дека македонската страна тешко разбира оти Албанците не ја чувствуваат химната ниту како текст, ниту како мелодија!

Ако дојде некој странец и ги анализира симболите на државата, но и спомениците и статуите во Скопје, заклучува дека ова е етничка македонска држава, а не мултиетничка и мултикултурна, во која Албанците се важен чинител. Кога ќе го видите големиот крст одозгора, заклучувате дека ова е христијанска, или православна држава, а не мултирелигиозна држава.

Слично како грбот и химната, државното знаме нема албански карактеристики. Овој симбол на државата Албанците го отфрлаат. Не се користи на свадби, училишта, или изборни митинзи. Националното албанско знаме никогаш не се заборава, како и прославата на 28 ноември, Денот на знамето, бидејќи Албанците се ретки по тоа што државното знаме го сметаат како етнички симбол! Малкумина Албанците го сметаат за државен празник 8 септември, денот на прогласувањето на независноста на државата. Тие го чувствуваат само како неработен ден, бидејќи покрај многуте колективни бојкоти, го бојкотираа и референдумот за независност на државата, бидејќи тогаш постоеше можност новата држава да влезе во сојуз, или федерација на суверени држави на поранешната југословенска федерација.

Затоа, не е невообичаено македонските националисти да им велат на Албанците „Еве кај ја имате вашата Албанија“, додека во нивната татковина велат „Вие имате своја држава“! Не е лесно да се биде Албанец во * Македонија. Напротив, тоа е голем предизвик!