Фудбалерите на Шкендија и Пелистер ќе се борат денеска (17.00) во Струмица за триумф во Купот на Македонија. И за тетовци и за битолчани ова е четврти настап во финалните средби, а интересно, и едните и другите до сега, победуваа по еднаш. На Шкендија тоа и успеа лани, а на Пелистер во 2001. година.
Тешко е да се одреди фаворитот за средбата на стадионот Младост, но треба да се знае дека Шкендија три пати ги победуваше зелените сезонава (1-0, 1-0 и 2-1) и дека Пелистер не успеал да слави против тетовските црвено црни во девет првенствени натпревари по ред, а тоа е период од 3 и пол години.
На вчерашната прес средба во Струмица тренерите Шенсои и Селими ветија максимум, не криеја дека размислуваат за победа, ги поканија своите навивачи да ги поддржат, но и посакаа мирен тек на целиот настан.