Шилегов отвори поставка од НОВ и спомна окупација, но не и окупатор

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов спомна окупација на денешното отворање на постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во целосно обновената прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј зад Археолошки музеј на Македонија, но, како и на 13 ноември, избегна да го идентификува окупаторот.



„Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електромеханичарски рачен и статичен алат. За време на окупацијата тука е формирана првата илегална работилница за оружје во градот, која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Во целосно зачуваната тајна работилница е сместена новата изменета и надополнета поставка, со нови содржини, кои ги пренесуваат фактите за едно историско време особено значајно за историјата на градот Скопје“, изјави Шилегов на отворањето на поставката.

По упатените критики дека „согласно со историското редефинирање на градот кое го спроведуваше поранешната власт, антифашистичката и современа историја на Скопје беше намерно фрлана на маргините, а со тоа и спомениците, бистите и спомен-плочите посветени на народноослободителната војна беа намерно запуштени и неодржани“, скопскиот градоначалник нагласи дека повторното отворање на Музејот симболично се случува на ден кога пред точно 75 години, по долго физичко измачување во тогашната Обласна полициска управа во Скопје и без судски процес, убиени биле народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

По петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година, кога биле фрлени низ прозорец.