Потпретседателката на македонската Влада и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска ја оцени како „смешна“ загриженоста на Грција дека Македонија има иредентистички амбиции со именувањето себеси како и истоимениот грчки регион.
„Никој во Македонија нема територијални претензии, буквално никој. Тоа е смешно. Единствениот пат кога би можеле да ја окупираме Грција е кога ќе ги преплавиме грчките плажи како туристи“, изјави Шеќеринска во интервју за британскиот весник „Гардијан“.
Шеќеринска ја нагласува потребата од надминување на спорот за името со Грција заради членство во евроатлантските институции.
„Следната година е клучна. Треба да покажеме дека има напредок. Луѓето не очекуваат дека сè ќе биде решено утре, но тие очекуваат прогрес, бидејќи заглавени сме веќе десет години. Тоа што ќе се случи ќе создаде или инспирација, или фрустрација низ целиот Балкан“, објасни таа.