Граѓаните на Швајцарија вчера на референдум го поддржаа предлогот за воведување 13-та пензија.
Прелиминарните проекции покажуваат дека 58 отсто од гласачите ја поддржале дополнителната пензија, односно 13-та годишна исплата, додека 42 отсто се против, пренесува Ројтерс.
Усвојувањето на оваа мерка, која ја промовираа Конфедерацијата на синдикати на Швајцарија и партиите од левиот центар, бара поддршка од мнозинството од 26-те швајцарски кантони.
Владата, деловните лоби и парламентот, кој моментално се приклонува кон десно, го отфрлија предлогот како финансиски несоодветен.
Не се знае од кои средства ќе се финансира 13-тата пензија чија исплата ќе започне во 2026 година.
Минималната старосна пензија во Швајцарија е 1.225 швајцарски франци, а највисоката е 2.450 франци.
Швајцарците вчера гласаа и за зголемување на старосната граница за пензионирање, а овој предлог беше категорично отфрлен.