Шампионски танц на македонските кошаркарски надежи на ЕП (Б), во финалето преслушана и Австрија, Јаничиќ МВП!

Фантастичен крај на фантастичниот настап на машката кошаркарска репрезентација на Македонија до 18 години на Европското првенство од дивизијата Б во Скопје – во финалето убедливо поразена и Австрија со 98:88, по четвртини 32:29, 25:15, 21:20 и 20:24, за максимални осум победи во маршот кон ЕП во Србија в година!

Химната на Република Македонија ечеше под сводовите на арената „Борис Трајковски“ во чест на македонските јуниори, кои ги освоија срцата на спортската јавност во земјава во десетте дена на првенството во македонскиот главен град.

Избраниците на селекторот Горан Андреевски ја имаа контролата врз играта и резултатот во текот на целиот натпревар пред исполнетите трибини на најголемата сала во државата, предизвикувајќи еуфорија со многуте спектакуларни поени и акции, посебно од најдобриот играч на шампионатот Никола Јаничиќ.

Перформансот 31 за неговите 30 поени (8/11 за два, неверојатни 17 во првата четвртина!), 5 скока, 4 асистенции и 4 украдени топки доволно зборува за играта на македонскиот бек во мечот за златниот медал, кој го запечати неговиот избор за МВП на првенството, а во идеалната петорка се најде и центарот Марко Луканоски.

Двоцифрен број поени во завршниот меч постигнаа и Стефан Стојковиќ (15), Сергеј Младеновски (14), Лука Марјановиќ (12) и Луканоски (10, плус 7 скока), а важна ролја одигра и Атанасиј Трајанов (9 поени и 8 скока).