Откако вчера претседателолт на ДИК обзнани дека донирал четири плати кои му биле исплатени како надоместок за локалните избори на сметката на невладината организација „Полио Плус“, се покрена нова лавина од критики.

Парите, односно 260.000 денари што ги донирал, требало „да им помогнат на лицата со посебни потреби полесно да го остварат своето избирачко право“, го објасни Александар Чичаковски својот изнуден хуманитарен гест.

Но, Чичаковски, очигледно од една влегува во друга грешка!

„Претседателот на ДИК, г-динот Чичаковски не е ниту Собрание на РМ, ниту Влада на РМ, ниту Министер за финансии на РМ за да може тој лично да одлучува каде ќе респределува државни пари што претходно погрешно, непринципиелно, нескромно, нетранспарентно и најверојатно незаконски си ги наплатил на своја лична сметка. Парите на државата не може тој да одлучува да ги уплаќа на НВО, макар и хуманитарно “ реагираше поранешниот министер за финансии Никола Поповски кој е категоричен дека парите треба да бидат вратени во буџетот на РМ од каде незаконски ги симнал.

Поповски ги повика претседателите на Собранието и на владата, Талат Џафери и Зоран Заев, да го повикаат Чичаковски веднаш да ги уплати назад 260.000 денари и дека „за тоа има на располагање 1 час по што ќе треба да се врати со уплатницата во кабинетот“.

На крај, Поповски препорачува спикерот и премиерот да му се заблагодарат на првиот човек на ДИК за досегашната работа, но не да му прифатат оставка туку да донесат одлука за неговоро разрешување.