Чиj е ракописот на постот на Игор Југ за Груевски

На социјалните мрежи, веднаш се појавија реакции и отворени сомнежи како некој кој се наоѓа под истрага и во притворно одделение во „Шутка“ имал пристап до интернет, како и дали му било дозволено да користи телефон или некој му дал мобилен за да пишува на социјалните мрежи.

Се појави дилема дали Игор Југ навистина ја напишал порака или пак се работи за уште еден подметнат трик во политички цели. Игор Југ во пораката го потсетува екс-премиерот дека во 2003-та тепал, за Груевски да стане лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Директорот на затворот во Шуто Оризари Александар Наумовски за ТВ 24 вчера изјави дека во ќелијата на Игор Југ не бил пронајден мобилен телефон.

Не е јасно тогаш како на Фејсбук се појави статус во кој Југ, кој е во осумдневен притвор, упати навреди и закани на Никола Груевски.

Тој на профилот под прекарот Владо Георгиев Черноземски, напиша дека на поранешниот премиер не му било гајле што „они гинеле за него, и што скокале во оган“.

Фала што не намести на 27ми … ќе ти вратам, барем пет минути да го вкусиш она што ти мене ми го направи и на сите други што не предаде, беше напишано меѓу другото на Фејсбук.

 

Игор Југ беше уапсен на 21 септември во Куманово, во стан на само стотина метри од полициска станица, иако полицијата по него трагала цели пет месеци, а од станот биле запленети неговите телефони, лап топ, хард диск и УСБ-стик.

Од надлежното Основно јавно обвинителство Скопје тогаш беше соопштено дека против него се води истрага за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи според член 396 од  Кривичниот законик.

Сега за носење оружје на 27 април, според 24 вести, ќе се бара продолжување на притворот.

Српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, инаку поврзан со дипломатскиот скандал кога Белград го повлече целиот персонал од српската амбасада во Скопје, на една белградска телевизија го обвини Игор Југ дека на 27 април влегол во Собранието наводно со намера да изврши убиство на еден партиски лидер.

Зборот ракопис во текстот се употребува во пежоративна смисла, се подразбира дека на пост на фејсбук не може да има ракопис туку се работи за стил на пишување.