Како што наближува дуелот вечерва меѓу Македонија и Чешка од второто коло во групата два од вториот круг на Европското првенство за ракометари во Хрватска расте возбудата во двата табора, а атмосферата ја вжешти чешкиот голман Томаш Мрква со провокативна изјава.
„Не ги сакаме Македонците, но, кој, всушност, ги сака?“, рече тој за вебстраницата на Чешката ракометна федерација.
Фрустрацијата на чешкиот чувар на мрежата доаѓа од честите средби со македонските ракометари на големите натпреварувања и во квалификациите за нив, од кои по ЕП 2012 во Србија најчесто излегуваат како поразени.
Така беше и во квалификациите за овој шампионат, кога на убедливата победа на Чешка од 35:28 во Плзен „црвено-жолтите“ одговорија со речиси двојно поуверливи 33:20 во Скопје и го освоија првото место во групата во која беа и Исланд и Украина.
Македонија беше поуспешна и во баражот за ланското СП во Франција (пораз од 28:22 во Злин, па победа од 34:27 во Скопје), како и на ЕП 2012 во Србија (27:21 во Ниш), а на ЕП 2014 во Данска беше нерешено 24:24.
Уште едно горчливо искуство со Македонија чешките ракометари имаа во квалификациите за ЕП 2016 во Полска, кога во Злин беше 27:27, а во Скопје славеше домаќинот со 32:28.