Трагикомедија е сублимираниот впечаток од контролниот натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Македонија и на Чешка во Храдец Кралове, кој домаќинот го доби со 2:1 со два измислени пенала од словачкиот судија Михал Оченаш.
Со првиот по изглумениот прекршок од Висар Муслиу, од кој буквално се одби и театрално падна противничкиот капитен Томаш Соучек, Чесите поведоа преку Патрик Шик во 60 минута.
Израмни Исник Алими со својот дебитантски гол за Македонија пет минути подоцна, кога одбиената топка од левиот дирек по ударот од Александар Трајковски упатен надвор од шеснаесетникот со глава ја спроведе во мрежата.
Но, учесникот на претстојното Европско првенство во Германија, очигледно, мораше да ја добие својата последна проверка пре шампионатот, па Оченаш го продолжи пријателскиот меч цели девет минути, за буквално на истекот од времето да досуди нов сомнителен удар од белата точка, кој во гол го претвори Антонин Барак.
Ова беше последен тест за „црвено-жолтите“ пред стартот во дивизијата Ц на Лигата на нациите во септември, кадешто противници во групата ќе им бидат Ерменија, Фарски Острови и Летонија.