„Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат, и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја.“ – изјавил во 1929 година Војдан Поп Георгиев Чернодрински при посетата на еден дом за сираци, каде што им подарил примероци од својата драма „Македонска крвава свадба“. Војдан Поп Георгиев е извонредно значаен македонски писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Прекарот Чернодрински му потекнува од реката Црн Дрим, која тече покрај неговото родно село. Денес, на 8 јануари 2025 година се навршуваат 74 години од неговата смрт и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон личноста, животот и творештвото на овој македонски национален, јазичен и културен деец. Војдан Поп Георгиев е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучи мајчиниот македонски јазик. Еден од основните критериуми за членство на глумци во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и го храбрел македонскиот народ. Со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија Војдан Поп Георгиев здобил големи симпатии од македонската и странската јавност. Со своите дела извршил големо влијание и кај некои други македонски автори како што се: Димитар Хаџи-Динев (ја напишал драмата „Револуционер“), Марко Цепенков (го напишал текстот „Црне Војвода“) и Никола Киров-Мајски (ја напишал драмата „Илинден“).
Животопис
Војдан Поп Георгиев е роден во селото Селци, Дебарско (Малесија) на 15 јануари во 1875 година во семејството на селскиот кмет и подоцнежен свештеник Георги Славковски, подоцна наречен Ѓурчин. Таткото ја забележал љубовта на Војдан кон книгата и токму поради тоа му овозможил на својот син соодветно школување. Од животот на Војдан Поп Георгиев позначаен е настанот кога неговата мајка извршила убиство над некојси Арнаутин-насилник, со цел да ја одбрани честа на нејзиното семејство. Тој немил и несекојдневен настан бил повод за отселување на целото семејство од Селци во Охрид. Во Охрид Војдан го продолжил своето образование, што го започнал во своето родно место. По завршувањето на основното училиште, Војдан поп Георгиев се запишал во Солунската Гимназија, но таму не се задржал премногу долго. Таткото на Војдан заминал во Софија на печалба и поради тоа тој го повикал и Војдан во Софија каде би бил со него а воедно и да си го продолжи своето образование.
Војдан Поп Георгиев го продолжил во Бугарија го продолжил своето школување и се зачленил во Младата македонска дружина.Едновремено бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата, наречен „Македонски заговор“. Војдан Поп Георгиев се смета и како основач на тој кружок. Под директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела.
Според неодамнешни историски архиви и документи, Војдан го завршил своето образование во Србија. Студирањето на правните науки го започнал во Грац, го продолжил во Берн, сепак не ги завршил студиите. Со цел да се поврзе со ослободителното движење во Македонија, Војдан побарал учителска служба во Македонија. Бил назначен како учител во село Могила, Битола. Војдан не служел многу долго како учител во Македонија, тоа го работел само една година, во учебната 1897- 1898 година.
Потоа тој се вратил пак во Софија, каде што со тешки маки и подолги перипетии успеал да ја изведе својата прва драма на македонски јазик „Македонска крвава свадба“. Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија. По Софија драмата била изведена и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за создавање македонски театар. По извршената реорганизација на екипата, со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растел и се одржале нови гостувања во Бугарија, бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“. По одржувањето и задушувањето на Илинденското востание, новите политички околности му овозможиле на на Војдан гостувања во Србија и таму бил пречекан со големи симпатии.
По одржувањето на Младотурската револуција во 1908 годинаво Македонија завладејала подобра политичка клима и Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артист-аматер) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и Битола. Тој учествувал во Македонија во организирање учители и учителки, кои што ги подготвувале театарските претстави. Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и „Македонска крвава свадба“, за првпат изведена во својата татковина.
Неколку години подоцна Војдан Поп Георгиев бил мобилизиран во Балканските војни, а набрзо потоа и во Првата светска војна. Тогаш го доживеал најтрагичниот момент во македонската историја – распарчувањето на Македонија. Неговиот творечки живот продолжил да опстојува, но со помала силина, бидејќи се наоѓал во бугарска средина, каде што се чувствувал како емигрант. Иако неговата татковина се стекнала со долго посакуваната слобода во 1945 година, Војдан не можел да се пресели во Македонија и умрел во Софија во 1951 година.
Наводно, според бугарските театарски критичари, по смртта на Војдан Поп Георгиев во СР Македонија во текстот на драмата „Македонска крвава свадба“ се внесувале мали промени, односно зборовите „Бугари“ или биле избришани, или заменети со „рисјани“. Но сепак, и во предговорот, што го напишал Поп Георгиев, и според своето животно осврнување, тој кажува јасно и точно дека е Македонец и јасно ја нагласува македонската народност како посебна етничка група.
Драмски текстови
Дрварите (1895), Во меаната (1895), Македонска емиграција (1897), Македонска крвава свадба (1900), Од глаата си патиме (1902), Робот и агата (1902), Зло за зло (1903), Срешта (1903), Мајстори (1903), Духот на слободата (1909), На реката (1921), На Нова година (1921), Цар Пир (1921), Бурите крај Вардар (1925), Цвета војвотката (1929), Слав Драгота (1930), Оставина. Во 1973 година синот на Војдан Чернодрински Стојан ги предал сите ракописи на овој славен македонски драматург на Државниот архив на Македонија, каде што кратко по нивното архивирање бил издаден комплет од негови дела, за да посведочат дека и во почетокот на минатиот век сме имале уметници, што го практикувале македонскиот народен јазик, од кој произлегоа научните кодификации. Сето тоа како аманет од неговиот татко неговото творештво да биде пренесено во Македонија.
Пренесено од: „Војдан Чернодрински“ – Википедија