Цуцуловски: Не е проблем бугарската пропаганда во Албанија, туку тоа што Македонија ништо не прави

Професорот Љубомир Цуцуловски ги детектира причини за појавувањето на 7.057 Бугари на пописот во Албанија, иако на претходните 11 пребројувања на населението никој не се изјаснил така, наспроти препопловувањето на бројот на Македонците и нивното сведување на 2.281 кај македонскиот западен сосед.

„САМО МАЛА ГРИЖА. Минатата година, пред и за време на пописот во Албанија, гласни беа негодувањата што Бугарија врши агресивна пропаганда меѓу Македонците во Албанија, почнувајќи од делење на пропагандни материјали, па сѐ до давање на материјални средства – како што се пари, на пример. Реакцииите/негодувањата беа и понатаму се оправдани.

Меѓутоа, вистинскиот, с т в а р н и о т проблем не е што Бугарија се одлучила на таква пракса, бидејќи секоја држава мора да остварува и пропагандна дејност, туку в и с т и н с к и о т проблем е во тоа што Македонија ништо не прави на овој план. Кој ѝ брани на македонската држава да дели книги, брошури или пропагандни материјали? Кој ѝ брани да помага и подржува културни клубови или библиотеки меѓу Македонците во соседните земји? Или, што направила да стипендира ученици и талентирани студенти, наместо да лелека, како што лелекаше и во ’90-те години од минатиот век, кога Бугарија делеше VHS касети со пропагандни содржини? Не може сопствената индолентност и алкавост да се прикрие/оправда само со штури критики на активностите на Бугарија. Мора нешто стварно, што значи на д е л о да се направи.

Макар што во принцип не сакам да говорам/пишувам за себе во позитивен контекст, бидејќи оценката за себе треба да биде оставена на другите, сепак, се одлучив да кажам нешто и во оваа насока. Во 2002 година, преку Институтот за традиционални вредности од Охрид (ИТВО), како и со сесрдна помош на г-дин Мишо Јузмески, на Македонците од соседните држави им беа бесплатно испратени/донирани три мои наслови/книги, по триесет примероци од секоја книга, поделени во исто толку пакети. Значи, без каков и да е сериозен проблем беа подарени деведесет книги на Македонците надвор од Република Македонија. Ако можевме тоа да го сториме со ИТВО уште пред повеќе од дваесет години, тогаш зошто нешто слично не може да стори македонската држава? Потребна е само мала грижа и љубов кон народот на кој му се припаѓа – и ништо повеќе, како и ништо помалку од тоа, бидејќи животот не може да се сведе само на парада и бесцелни патувања/шетања“, коментира Цуцуловски на Фејсбук.