Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, рече дека високи функционери во администрацијата на Бајден вршеле притисок врз неговата компанија да цензурира содржини поврзани со Ковид-19 за време на пандемијата, пишува Ројтерс.

На 26 август, Цукерберг му пиша на Судскиот комитет на Претставничкиот дом на САД и рече дека жали што претходно не зборувал за ситуацијата, како и за некои од одлуките што ги донел како сопственик на Facebook, Instagram и WhatsApp, поврзани sо отстранување на содржината.

„Во 2021 година, високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, постојано вршеа притисок врз нашите тимови со месеци да цензурираат одредени содржини поврзани со Ковид-19, вклучително и хумор и сатира, и беа многу фрустрирани кога се спротивставивме“, напиша тој во писмото објавено од Комитетот на својата Фејсбук страница.
Текстот продолжува под огласот

„Сметам дека ваквиот притисок од властите е погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа. Исто така мислам дека донесовме некои одлуки кои со новостекнатото искуство и знаење немаше да ги донесеме денес“, додаде тој.

Цукерберг го упати писмото до републиканецот Џим Џордан, претседател на комитетот.

Комитетот на Фејсбук објави дека ова писмо е голема победа за слободата на говорот и дека Цукерберг признал дека Фејсбук ги цензурирал Американците.