„Св. Пантелејмон“ манастирската црква во истоимениот манастир во Горно Нерези се наоѓа на планината Водно и на осум километри југозападно од Скопје. Комплексот е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство кое што по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.
Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел, син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот императорот Алексеј Комнин. За подигањето на црквата во 1164. година сведочи натписот на мермерниот надвратник меѓу нартексот и наосот на црквата.
Црквата, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви, со впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. За градење на црквата бил употребен обичен кршен камен, изваден во околината на манастирот и тули.
Околината и природата, како и надворешната и внатрешната убавина на целиот објект, опкружен со зеленило е одличен избор за секој што ќе посака да побегне од скопскиот метеж и да го побара својот душевен спокој и мир.