Веднаш по празниците, грчкиот премиер Алекис Ципрас, ќе се обиде да ги „мапира“ позициите на другите партии за да се види дали има простор за приближување на позициите меѓу политичките партии во Грција околу преговорите за името…
Владата, исто така, ќе го испита ставот на независни пратеници за ова прашање… Ако се процени дека не постои простор за договор на највисоко ниво, владата ќе бара парламентарно мнозинство за договорот што ќе се донесе, пишуваат грчки медиуми.
Кризата во владејачката коалиција продолжува, како и конфликт меѓу владата и главната опозициска партија, Неа демократија.
Помалиот коалиционен партнер „Независни Грци“(АНЕЛ) се противи на зборот Македонија како дел од сложено име и го предлагаат, според нив, неутралното, „Централнобалканска република“. Тие велат дека ќе гласаат против секој поинаков предлог и бараат референдум за името на северниот сосед чиј резултат ќе го почитуваат.
Продолжува и жестоката размена на мислења меѓу владата и поранешната министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, откако таа соопшти дека опозициската Неа демократија, ќе гласа против секој предлог од владата, доколку за тој предлог нема поддршка од двата владини партнери (Сириза и АНЕЛ –н.з.)
Од владата побрзаа да ја обвинат главната опозиција за „неодговорниот став“, пишува „Катимерини“.
Досега, нема став на владата околу позицијата на АНЕЛ за ова прашање и станува јасно дека се обидува да ја префрли целата дебата од позицијата на главната опозиција, давајќи му на ова прашање пошироки димензии и говорејќи дека се обидува да ја дестабилизира земјата.