Ципрас и неизваден од контекст не дава македонска нација

Откако грчкиот весник „Етнос“ со „кликбајт“ манипулативна промоција на интервјуто со премиерот Алексис Ципрас ја вознемири јавноста со тезата за „непостоење на македонската нација“, читателите не забележаа дека во неговото интервју шефот на грчката Влада има уште попасна позиција за етничката припадност на Македонците.

„Во оваа смисла е сосема спротивно на историјата и апсурдно некои да побарат ексклузивност на Македонија и во смисла на етничка идентификација“, вели Ципрас во интервјуто, доколку не се покаже дека „Етнос“ повторно манипулира.

Овој став на Ципрас практично значи дека е апсурдно Македонија да бара нејзините граѓани да бидат признати како дел од посебен етнички македонски идентитет.

Ципрас ова го брани со тоа што географскиот регион Македонија е поделен во три земји – покрај Македонија, тоа се Грција и Бугарија.

Грчкиот премиер во делот од интервјуто што го објави „Независен.мк“ не објаснува зошто Македонија не може да бара етничка идентификација кога Грците и Бугарите не тврдат дека имаат македонски етнички идентитет, туку имаат посебна припадност.

Ципрас, користејќи го правилото за неексклузивност за користење на терминот Македонија, кое што се споменува во неколку јавни предлози на посредникот Метју Нимиц, а се користеше за трговски цели, ја исклучува можноста Македонија да гради етнички идентитет на оваа основа.

Ако овој принцип на Ципрас се примени на регионот Луксембург, кој се протега и во Франција, Белгија и Германија, тогаш 55 проценти од граѓаните на државата Луксембург, кои се чувствуваат како етнички Луксембуржани, треба да ја загубат својата етничка идентификација.