Центарот за македонски јазик во Грција со свој штанд на Антирасистичкиот фестивал во Солун

Невладината и непрофитна организација Центар за македонски јазик во Грција, со седиште во Лерин и призната од грчките власти, се претстави со свој штанд на Антирасистичкиот фестивал во Солун, извести македонскиот активист Стилијан Самарџиев, кој на својата страница на Фејсбук објави и неколку фотографии од штандот од Гоце Мирка.

На фестивалот се играа и македонски ора и се пееја македонски песни, меѓу кои „Мори чупи костурчанки“, „Милке душо“ итн.

Центарот за македонски јазик во Грција е основан на 27 јули 2022 година со цел зачувување на македонскиот јазик кај јужниот сосед на Македонија. Тој нуди бесплатни онлајн курсеви по македонски и се залага за воведување на македонскиот јазик во јавното образование во Грција и за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во земјата.

Други активности на центарот вклучуваат поддршка за обука на наставници по македонски јазик, документирање на локални македонски дијалекти и следење на кршењето на човековите права на македонските говорници.