Цар Фердинанд, по кој доби име несудениот клуб на Бугарите во Богданци, се враќа во Бугарија

Бугарскиот кнез, па цар Фердинанд Први, кој владеел од 1887 година до крајот на Првата светска војна во 1918 година, се враќа во Бугарија.

За еден месец се очекува пренесување на неговите посмртни останки од германскиот град Кобург во Софија, соопштија од палатата „Врана“ во бугарската престолнина, кадешто ќе бидат положени во семејната крипта.

По неговата смрт во Кобург во 1948 година телото на Фердинанд Први беше привремено погребано во криптата на Католичката црква „Св. Августин“ во градот.

По Цар Фердинанд требаше да биде именуван клубот на Бугарите во Богданци, трет во Македонија по „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, но барањето за регистрација под тоа име беше одбиено од Министерството за правда.

Владиното Советодавно тело за употреба на имиња на историски личности при именувањето на граѓански здруженија и фондации својата одлука против името „Цар Фердинанд“ ја образложи со предизвикувањето негативни чувства кај најголемиот дел од граѓаните на Македонија.

Во македонската историографија тој се смета за одговорен за поделбата на Македонија, за директен налогодавец за убиството на револуционерот Јане Сандански и за мешање и попречување на македонското револуционерно движење.