Хрватскиот портал „24 сата“ не штеди комплименти за сè што прикажа Македонија и на теренот и на трибините во Загреб во првата фаза на Европското првенство за ракометари.

„Тоа што хрватските навивачи беа во Сплит за време на играњето на нашата репрезентација, тоа претставуваа македонските во Загреб. Со нив секогаш беше шоу, а сето тоа на теренот го следеа нивните ракометари“, стои во поднасловот од написот со наслов „Кралевите на Еуро го освоија Загреб, а со првакот дури и се поигруваа“, мислејќи на дуелот со Германија.

„Македонците, благодарејќи на фантастичните навивачи, доминираа во нашата метропола. На секој натпревар ги имаше речиси преку четири илјади. Половина сала беше обоена во црвено-жолта боја, пееја без да престанат и ги носеа своите блескави играчи до резултатот за паметење“, пишува „24 сата“, посочувајќи го и нашиот „изборник“: „Македонскиот селектор, Шпанецот Раул Гонзалес (во текстот по грешка пишува Фернандез – н.з.), како да е роден некаде кај Охрид. Човекот ‘растура’ македонски!“.

Констатирајќи дека „неговата репрезентација ја имаше во рацете големата Германија“ и оти „Македонците во текот на сите 60 минути го држеа европскиот првак на јажињата, водеа во поголемиот дел од натпреварот, но на крајот сè со многу (не)среќа заврши 25:25“, порталот се осврнува и на тоа што го чека „најпријатното изненадување на хрватското Еуро“.

„Со фаци како Лазаров, Талески, Манасков и Стоилов, немаат од што да се плашат, напротив, можат рамноправно со сите“, смета „24 сата“ за шансите на Македонија во групата во Вараждин, каде што ќе стартува в недела против Шпанија, во вторник ќе игра со Чешка, а во среда и со Данска.