Хрватите потрошиле 108 милиони евра помалку од почетокот на бојкотот на продавниците

Потрошувачката платформа „Ало инспекторе“ тврди дека првиот бојкот на продавниците во Хрватска бил успешен и оти се постигнати две цели – обединување и подигнување на свеста на потрошувачите, како и намалување на вкупната потрошувачка.

„Во текот на три недели, од првиот петок на бојкотот до полноќ на третиот петок од бојкотот, потрошивме вкупно 108 милиони евра помалку, од кои 75 милиони евра се потрошени само во трите петоци. Од 19 набљудувани денови, пад на потрошувачката е забележан во 16 денови“, се посочува на платформата.

Најголем апсолутен пад на вредноста на сметките е забележан во Загреб, по кој следуваат Сплит, Осиек, Риека, Задар, Вараждин, Пула, Карловац, Славонски Брод и Чаковец.

Во платформата се наведува дека државата била прозвана за непреземање навремени мерки за сузбивање на инфлацијата, како и дека наводно дозволувала општ неред на пазарот.

„Бојкотот е средство за изразување отпор, несогласување. Има голема моќ, поттикнува акција и бара итна промена во однесувањето на оние против кои е насочен“, се наведува во платформата.

Се нагласува дека интервенциите кои следеа по бојкотот, како замрзнување на цените на одредени производи на одреден период, како и големиот број промотивни понуди и попусти, се само гест, а не решение за драматичната состојба.

„Замрзнувањето на цените за краток период и привремените попусти нема да доведат до запирање на растот на цените или нивно стабилизирање, а овој проблем е добро познат кај сите што треба да се организираат“, се наведува во платформата.