Храната на светските берзи поевтинува, во маркетите поскапува – до кога?!

Храната во изминатите три години поскапела за 36 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Инфлацијата од декември 2021 до декември 2024 година била 28 проценти, но храната поскапува повеќе од останатите трошоци за живот, пренесе Телма. Така, лебот за три години поскапел за над 40 отсто, месото за над 36 отсто, млекото, сирењето и јајцата за 39 отсто, овошјето за 33 отсто, а зеленчукот за над 44 проценти.

Поскапувањето на храната е многу поголем проблем во сиромашни земји, каде што најголем дел од приходите на граѓаните одат на исхрана. Ако во западноевропските земји, за храна се трошат само 10-тина проценти од приходите, Државната статистика покажува дека во земјава само за исхрана се трошат над половина од парите, па со поскапувањето на храната, на луѓето не им остануваат пари за ништо друго.

Парадоксално, податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации покажуваат дека по огромното поскапување во 2022 година, берзанските цени на храната се вратени на преткризното ниво, но во маркетите не се.

  • „Главната причина зошто цените на храната толку пораснаа последниве години, и уште растат, се профитите на фирмите. Според Евростат, цената на храната во Македонија стигна до 75% од просекот во ЕУ. Платите се на 30%. Нема друго објаснување освен профитите на фирмите. Со тоа што последниве месеци голема улога имаат и погрешните политики на владата. Есенската и новогодишната кошничка беа големо промашување. Тие само ги подбуцнаа фирмите да ги кренат цените, кои претходно неколку месеци главно стагнираа“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Сите си ја префрлаат топката каде е вината за поскапувањата – кај производителите и увозниците, дистрибутерите или маркетите. Токму огромните поскапувања беа причина за бојкот на маркетите во петокот. Претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески смета дека проблемот трае со години и дека постои ризик бојкотирањето да стане секојдневие и излезот од ситуацијата го гледа во дијалог меѓу производителите и продавачите.