По долго време постои политичка волја и во Скопје и во Атина за решавање на спорот за името смета американскиот заменик-помошник државен секретар задолжен за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји.
„Сметам дека Македонија има шанса во 2018 година конечно да го реши спорот за името со Грција. Првпат по долго време има политичка волја и во Скопје и во Атина и Македонија има шанса да ја оствари оваа цел“, изјавил Ји во интервју за Телевизијата Н1 која што се емитува во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Тој додава дека НАТО има политика на отворени врати, никого не присилува да стане членка, а оние земји кои ги исполнуваат условите за членство се добредојдени.
„Земјите кои што ги исполнуваат условите се добредојдени. Постојат некои земји во регионот кои се надеваат на влез. Не е лесно да се исполнат сите услови и ако се подготвени за жртви, за тешки одлуки кои се однесуваат на одбраната и на демократските стандарди, владеење на правото, слободите, тие земји имаат право да одберат и ниедна земја нема право да стави вето на тоа , ниту Русија“, изјавил Ји.
На прашањето дали Н1 е американска телевизија како што тоа често пати го тврди српскиот претседател Вучиќ, Ји изјавил дека САД не ги плаќа новинарите туку сака слободни медиуми, независни и професионални новинари и слобода на печат.