Официјалниот претставник на американскиот Стејт департмент Брајан Хојт Ји, на состанокот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа во Блед изјавил дека интеграцијата и трансформацијата на Западен Балкан е во интерес на Брисел и регионот.
Според него, она што моментално недостасува е подготвеноста за ова од европските институции, пренесе Б92.
Но, тој оцени дека и земјите во регионот мора максимално да се трансформираат за да се приклучат на ЕУ, но дека некои балкански држави сепак не се определени до крај за членство во Унијата .
Ји, со пластичен пример се обиде да објасни на што мисли и рече дека еднаш разговарал со некој претставник од Западен Балкан и го прашал, „Зошто не ги ставите сите јајца во кошницата на ЕУ, односно зошто не се посветувате 100 отсто на интеграцијата… зошто седите на две столчиња во исто време”…
Тој додаде дека процесот за интеграција на Западен Балкан во ЕУ е двонасочен процес.
ЕУ мора да биде целосно подготвена да ги прифати тие што треба да се трансформираат, а овие земји треба да бидат безбедни дека 100 проценти сакаат да бидат дел од ЕУ, а не половично.
На состанокот на Блед присуствуваше и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, кој истакна дека на примерот на Македонија може да се научи лекцијата што не треба да му се прави на Западен Балкан.
Потпишавме спогодба во 2001 година, станавме кандидат пред 12 години и сите успеси од тогаш се игнорирани поради пилитичкиот проблем со една земја членка на ЕУ, ги потсети присутните министерот Димитров.
Ји апелирал земјите членки на ЕУ да гледаат сериозно на натамошното проширување на Унијата, а земјите кандидати да ги сфатат сериозно нужните реформи.