Заменикот на помошникот на државниот секретар на САД за европски и за евроазиски прашања Хојт Брајан Ји смета дека Македонија и Грција имаат одлична шанса в година да го надминат повеќедеценискиот спор за името.
„Верувам дека Атина и Скопје имаат одлична можност да го решат прашањето за името во 2018 година. Водството и добрата волја покажани во последно време од двете влади за овој проблем се охрабрувачки. Преговорите ќе бидат тешки и двете страни мора да направат компромиси, но почетните разговори со посредништвото на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц, се чини дека се конструктивни. Продолжуваме да го поддржуваме процесот на ОН и ги охрабруваме двете земји да преговараат со добра волја, со олеснувањето од специјалниот пратеник на ОН, Нимиц“, изјави Ји во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Американскиот дипломат што одигра клучна улога за пресвртот во македонската политичка криза по парламентарните избори минатиот декември ги испофали премиерот и Владата за стореното во овие седум месеци откога е формирана.
„Охрабрени сме од позитивниот тон на Владата на Зоран Заев, посебно во однос на подобрувањето на односите со соседите. Владата на Заев демонстрира јасна посветеност на владеењето на правото и на транспарентноста и САД се посветени да ги поддржат владините амбициозни реформски напори. Двата круга на неодамнешните локални избори беа конкурентни и се одржаа во атмосфера на почитување на фундаменталните слободи. Гласот на јавноста беше силен и јасен, реафирмирајќи ја јавната поддршка за промените што ги претставува Владата на Заев. Со убедливите резултати на неговата партија на локалните избори, премиерот Заев има чист мандат да продолжи со клучните реформи“, рече тој.
Ји уште еднаш демантира дека ќе биде нов американски амбасадор во Скопје.
„Белата куќа е единствениот авторитет за такви прашања и таа нема објавено такво нешто“, одговори тој на прашањето за таквите најави во медиумите.