Холандија кошмар за Романија, прво четвртфинале на ЕП по 16 години

Некогашниот европски шампион Холандија останува ноќна мора за Романија, декласирајќи ја со 3:0 и рутински изборувајќи четвртфинале на Европското фудбалско првенство во Германија против подобриот од последниот осминафинален дуел меѓу Австрија и Турција вечерва.

Гакпо во 20. минута и Мален со двата гола, првиот седум минути пред крајот и вториот во третата минута од судиското продолжение, ја продолжија доминацијата на „лалињата“ во меѓусебните дуели, во кои Романците на 15 меча имаат само една победа, и тоа на пријателска средба, како и само три постигнати гола наспроти 22 примени!

И статистиката во еднонасочниот натпревар е целосно на страна на Холанѓаните, кои во 62 проценти од времето ја имаа топката во своите нозе и упатија 24 удари кон противничкиот гол во споредба со само петте на ривалот.

За Холандија ова е прво четвртфинале на ЕП по 16 години.