Сезоната на летувања започна и каде и да го организирате вашето, или можеби ќе се решите за домашно разладување, треба да ги знаете својствата на хлорот и влијанието врз вашето здравје. Тој е неизоставен дел од сите базени, аква паркови, па и вештачките езерца, и се користи со дозвола на санитарните комисии и инспекции.

“Дури и да испиете некој децилитар хлорирана вода нема никаква опасност”, вели Кристијан Хоер од германската агенција за заштита на животната средина. Тој додава дека управителите на базените се обврзани да користат хлор, но истите сами ја одредуваат количината на средството чија намена е дезинфекција.

Хоер ја открива и тајната на мирисот на хлорот што се коси со сите наши досегашни претпоставки. Тој вели дека мирисот потекнува од Азот Трихлоридот кој настанува како реакција на уреата со хлорот. Во категоријата уреа се подразбира пот, кожа и урина. Како резултат на оваа реакција се јавува иритација на очите, носот и грлото, а за избегнување на проблемите само треба пред влегување во базенот да се истуширате.