Ракометарите на Алкалоид ја забележаа и третата победа во низа над шампионот Еурофарм Пелистер, и тоа со убедливи 32:25 во дербито на осмото коло од Суперлигата, по кое тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски си даде оставка.
По финалето на Купот на Македонија на крајот од минатата сезона во Струмица и Суперкупот во Гевгелија пред почетокот на сезонава, составот на Кирил Лазаров беше нерешлива енигма за пелистерци и вечерва во Автокоманда, освен во почетните десетина минути, во кои беше нерешено 6:6.
До крајот на полувремето домаќинот во три наврата имаше предност од пет гола, а во завршницата и максимални 30:22.
Безмалку половина од головите на гостите ги постигна Филип Кузмановски, првиот стрелец на мечот со 12 погодоци, но Алкалоид, за кој Мартин Серафимов даде 8, а Арно Бинго 6, неочекувано лесно ја продолжи серијата од 10 победи во сите конкуренции, осум во првенството, со кои се зацврсти на врвот на табелата.
Дамка врз триумфот на освојувачот на Купот остави повредата на десното крило Никола Костески во 38. минута, до која запиша 5 гола.
Алкалоид в сабота го очекува реваншот од второто коло во Европскиот куп на ЕХФ со литвански Драгунас во Клаипеда, во кој влегува со позитива од 11 гола, а Еурофарм Пелистер, кој е само четврти во Суперлигата, в четврток ќе игра со Веспрем во Лигата на шампионите.