Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го нарече присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ и на словачкиот премиер Роберт Фицо на Парадата на победата во Москва херојски чин, и покрај отворениот притисок.

„Голем број луѓе дојдоа тука и покрај притисокот што беше извршен. Во наше време, особено ако зборуваме за Вучиќ и за Фицо, ова е едноставно чин на херојство, бидејќи покажувањето на суверена волја да се почитува споменот на Денот на победата, и покрај отворениот, неограничен притисок, е достојно за највисока пофалба“, рече портпаролот на рускиот претседател, според извештаите на медиумите.

Фицо беше единствениот лидер на земја-членка на Европската унија на руското одбележување 80 години од победата над фашизмот во Втората светска војна, а во Москва допатува по заобиколен пат, преку Романија и Грузија, откако балтичките земји не дозволија прелет на претседателскиот авион на Словачка.

И Вучиќ мораше одоколу да патува до главниот град на Русија, преку Бугарија и Азербејџан.