„Херитиџ“: Македонската економија најслободна во Југоисточна Европа

Македонија е лидер меѓу државите од Југоисточна Европа според индексот на економска слобода за 2018 година, објавен од американската фондација „Херитиџ“, според кој таа е над европскиот и светски просек.

Во глобални рамки, таа е на 33. место меѓу 180 земји, со 71,3 поени од можни 100, позиционирана во втората по ранг група (од 7. до 34. место) на главно слободни економии од вкупно пет групи.

„Нејзиниот вкупен резултат е зголемен за 0,6 поени, со подобрување на показателите за фискалното здравје и за слободата на инвестициите, кои ги неутрализираат намалувањето на интегритетот на власта и ефикасноста на судството“, се вели во извештајот за Македонија.

Македонија стои најдобро во однос на трговската, деловната и монетарната слобода, како и во даночното оптоварување. Перформансите на компанииите беа попречени од показателите поврзани со владеењето на правото, поточно со интегритетот на владата, ефикасноста на судството и имотните права.

Од земјите во регионот најблиску до Македонија е Романија, која е на 37. место во светски рамки, а трета во Југоисточна Европа според индексот на економски слободи во рангирањето на „Херитиџ“ е Бугарија, која е 47. на глобално ниво. Следуваат Косово (56.), Словенија (64.), Албанија (65.), Црна Гора (68.), Србија (80.), Босна и Херцеговина (91.), Хрватска (92.) и Молдавија (105.).

Наслободна економија во светот има Хонгконг со 90,2 поени, а во топ-10 се уште Сингапур, Нов Зеланд, Швајцарија, Австралија, Ирска, Естонија, Велика Британија, Канада и Обединети Арапски Емирати.

Најнеслободна економија на планетата, според „Херитиџ“, има Северна Кореја, а веднаш над неа се Венецуела и Куба.