Според првичните изборни резултати на изборите на Косово коалицијата ПАН на Рамуш Харадинај освоила околу 40 % од гласовите на гласањето на кое излегле само 41,5 % од сите запишани гласачи. Харадинај кој неколку месеци мина во екстрадиционен притвор во Франција поради потерница издадена од Србија , не чекаше на подетални информации и по објавувањето на првите прелиминарни изборни резултати изјави дека тој ќе биде сигурен приемер и дека новата влада ќе биде формирана на време.
„Косово го положи испитот. Честитки за изборите, Косово“, рече Харадинај, оценувајќи дека овие избори се најдобро организирани досега на Косово.
Победничката коалиција ги повика своите сопартијци и симпатизери да ја прослават победата на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина. Харадинај, кој е кандидат на Демократската партија на Косово, Алијансата за ново Косово, Иницијативата за Косово и десет други партии изјави дека победата на коалицијата е убедлива.
Наспроти ставот на Харадинај лидерот на Демократскиот сојуза на Косово, Иса Мустафа, ја обвини телевизијата Клан која ја пренесе неговата изјава дека телевизијата свесно објавува лажни и нарачани анкети со цел да влијае на конечното пребројување на Централната изборна комисија.
Потпретседателот на движењето „Самоопределување“, Дардан Сејдиу, коментирајќи ги првичните резултати, рече дека е задоволен од големата доверба од 30 % од гласовите кои на овие вонредни парламентарни избори ги доби неговата партија.
Традиционално како и во сите албански средини во регионот и на Косово главен проблем за избирачките одбори било семејното гласање. Набљудувачите забележале дури 5000 вакви случаи.