Фрчкоски знае нешто: Имаме решение за кое Грците протестираат по улици

Има решение кое е одржливо и кое ги заштитува нашите приоритети, а тие се националниот идентитет и јазикот да бидат македонски. И затоа Грците реагираа толку нервозно, изјави професорот Љубомир Фрчкоски при вечерашното гостување во емисијата Топ Тема на телевизија Телма.

Тој дава свое, помалку екстравагнатно толкување на процесот на преговори кој треба да финишира со затворање на спорот за името мегу двете земји.

“Работата е тргната, средбите на премиерите зборуваат за тоа, тој разговор од четири часа, расправањето за детали од тој пакет кажува се. Притоа очигледни се нашите приоритети. Ако направиме споредба со Охридскиот рамковен договор, кога ќе ги ставите приоритетите во таков еден тесен простор, тие избиваат сами од себе. Кај нас приоритет е пред се националниот идентитет и јазикот да бидат македонски, а името иако изгледа како прво, всушност е второ прашање. Ние сме биле Социјалистичка Федеративна, Народна, ваква, таква Македонија и можеби можеме да издржиме Македонија со некаков префикс Северна, Горна и така натаму. Но она што е важно – ние сме си Македонци, ние мора да го задржиме нашиот јазик бидејќи тоа нас не дефинира. И мислам дека е постигнат тој пакет, а нервозата со овие јавни собири во Грција го покажува токму тоа. Да е прашањето отидено во нивна насока не би протестирале на тој начин и мислам дека има детали околу начинот на кој ќе се користи името – рече професорот Љубомир Фрчкоски во вечерашното гостување на Топ Тема.

Како доказ дека решението е позитивно професорот од Правниот факултет при УКИМ ја наведува, како што вели, релативно мирната реакција на нашата опозиција, особено во споредба со реакцијата на грчката опозиција.

“Тоа зборува за некакво решение кое го очекувале, кое би било прифатливо. Но тоа не зборува дека ќе постигнеме формален стопроцентен консензус. Околу овие пршања тоа е тешко, дури политички и од тактички причини опозицијата не мора да даде целосна поддршка. Некој мора да ја голтне жабата и тоа ќе биде сегашната влада. Па и Ципрас даде една изјава дека сака да го реши проблемот без разлика на цената која мора да се плати. Таа изјава мора да ја дадете, така беше и во 91, 93, 95…Важно е решението да биде одржливо. И да не добиете целосен консензус мора да го истуркате. Политичката елита треба да го истурка, ако е одржливо решение тоа потоа станува дел од политичката култура и историја. И после никој не го напаѓа. Еве никој сега не го напаѓа Охридскиот договор. Ние знаеме што трпевме тогаш, на улица не се излегуваше а сега во него се крстат – истакна Фрчкоски на Топ Тема.