По три победи и две нерешени, машката ракометна репрезентација на Македонија до 20 години го претрпе првиот пораз на Европското првенство во Словенија, откако во последното коло од групата за пласман загуби од Франција со 25:18 и ќе разигрува за 9 до 12 место, а прв противник утре ќе ѝ биде Унгарија или Хрватска.
„Црвено-жолтите“ одиграа одлични 25 минути во салата „Головец“ во Целје, во кои беше 10:10, откако во средината на првото полувреме имаа водство од 6:4 и „зицер“ за зголемување на предноста преку левото крило Марио Стојановски, но тој биеше во францускиот голман.
„Триколорите“ подобро го отворија второто полувреме, па во последната четвртина од мечот влегоа со максимални 19:13 и сè што избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ успеаја да сторат потоа беше да ја преполоват негативата на 17:20 пред целосно да потклекнат во завршницата од средбата.
Во македонскиот напад се издвоија крилата Стојановски со 3/4 и Ненад Белистојаноски со 3/5, како и бековите Дамјан Митев и Мирче Калајџиески со по 3/6.