Колку – толку се накити новогодишно македонската метропола. На плоштадот е поставена висока елка, на црвена платформа врз подната фонтана, која со години не функционира. Изборот на локацијата на елката е подобар од лани, ако не друго барем ќе се искористи просторот над фонтаната и ќе се спречи во текот на празниците нејзино понатамошно оштетување. Поубаво отколку минатата година изгледа и елката, која лани беше предмет за шега меѓу скопјани.
Што друго ќе светне на плоштадот и по скопските улици засега не е познато. Денеска можевме да видиме дека се развлекуваат жици преку фонтаната „Воин на коњ“. Дали и таа ќе биде украсена, останува едно од „изненадувањата“, кои на граѓаните им ги подготвува градоначалничката Данела Арсовска, а досега ги чува како голема тајна.
Повторно и годинава Арсовска не споделува ниту една информација околу новогодишното украсување на градот. Нема одговор на прашањата на „Слободен печат“ која фирма украсува, кога е склучен договор и колку ќе чини украсувањето, со оглед на фактот дека на сајтот на Електронскиот систем за јавни набавки ваков тендер досега не е распишан. Од Град Скопје не споделуваат ниту дали станува збор за донација и дали таа е прифатена од Советот на Град Скопје, дури не одговараат кои делови од градот и кои улици и булевари ќе бидат украсени.
И додека во Центарот на Градот речиси и ништо да не се случува, новогодишните случувања оваа година се другите општини, а една од добрите е Аеродром.
На платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром до 19 јануари трае „Зимзоленд“ богата предновогодишна културно забавна манифестација кој ги радува сите а особено најмладите.
Бројни реквизити, забавен парк, штандови со храна и пијалоци, музичка програма е тоа што ги мами скопјани, но и туристите да дојдат и да го почуствуваат празничниот дух.
Каква е атмосферата на „Зимзоленд“ погледнете во видеото подолу.