Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети дека ќе создаде „вистинска европска одбранбена унија“ во следните пет години, со водечки проекти за воздушна и сајбер одбрана, доколку добие втор мандат, пишува Ројтерс.

„Земјите-членки секогаш ќе бидат одговорни за своите трупи – од доктрина до распоредување“, рече фон дер Лајен во документот во кој се утврдува нејзината агенда пред гласањето во Европскиот парламент.

ЕП ќе гласа подоцна денеска за тоа дали да и се додели нов мандат.

„Сепак, има многу што Европа може да направи за да ги поддржи и координира напорите за зајакнување на одбранбената индустриска база, иновациите и европскиот единствен пазар“, додаде таа.

Европските лидери смтаат дека треба да направат повеќе за да ја зајакнат сопствената одбрана, особено со оглед на сомневањата за тоа колку можат да се потпрат на Соединетите држави за заштита доколку републиканецот Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД во ноември.

Наспроти ова, Европската комисија се обидува да одигра поголема улога во одбранбената политика, област која традиционално е домен на националните влади и НАТО.

Фон дер Лајен ги потврди плановите за именување на европски комесар за одбрана – нова функција – и рече дека Комисијата ќе претстави „Бела книга за иднината на европската одбрана“ во првите 100 дена од нејзиниот следен мандат.