Фон дер Лајен вети помош на патот кон ЕУ

Уставните измени треба да се разработат, тоа е важно, и сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас во секој дел од патот, рече денеска претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-коннференција во владата со премиерот Христијан Мицкоски.

Таа одговараше на новинарско прашање дали за Европската комисија се прифатливи уставни измени со одложено дејство и дали ЕУ смета дека условувањето со промена на Устав за да се продолжат преговорите е дискриминација кон Македонија.

– Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презема како суверена земја, во секој дел од патот. Имаме јасна цел, работам колку можам за да ги отвориме преговорите, кластерот фундаментални вредности, тоа е наша краткорочна цел засега. Уставните измени треба да се разработат, тоа е важно, во интерес на Северна Македонија е да бидеме успешни. Сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот, за да стигнеме до заедничката цел. Може да сметатате на нас. За мене е важно да не се вртиме многу назад, туку кон иднината, заедно да го пишуваме следното поглавје од иднината – рече фон дер Лајен.

Во своето излагање по тет-а-тет средбата комесарката фон дер Лајен рече дека имале навистина добра средба и размена на мислења и ставови со премиерот Мицкоски.

– Добро е да се слушне дека сте многу посветени на патот кон ЕУ. Северна Македонија постигна многу и покажавте одлучност во секој чекор, на што сакам да оддадам почит. Работата мора да продолжи. Ние имаме јасна цел, што е можно побрзо да се отвори кластерот фундаментални вредности од преговорите. Речиси сме таму, треда да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат и ќе ги направат потребните одлучни чекори за напредок. Уверена сум дека може да ги надминеме пречките кои сè уште кои постојат – рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека се горди што Македонија е 100 отсто усогласена со надворешната политика на ЕУ и изрази благодарност за поддршката за Украина.

– Бидете сигурни дека проширувањето на ЕУ ќе оставе врвен приоритет на Европската Комисија и во наедните 5 години. Сега ги имаме сите потребни алатки, за да го овозможиме тоа – рече фон дер Лајен.

Во контекст на алатките кои ги спомна, таа зборуваше за Планот за раст, инвестицискиот план на ЕУ за земјите од Западен Балкан, како и за мисијата Фронтекс за заштита на границите од нелегална миграција.

– Драг Христијан, знаете дека редовно ја посетувам Северна Македонија. Пред 3 години беше важен момент кога ја славевме 30-годишнина на вашата земја. Тогаш видов многу млади луѓе и видов како тие копнеат за ЕУ. Младите никогаш нема да ни простат ако не одговориме на овој предизвик, да направиме Северна Македонија да биде член на ЕУ.