Исцрпени, целосно испразнети беа нашите ракометари по мечот со Данска. И веројатно повеќе од вчерашниот тесен пораз од Чешка, отколку од денешниот убедлив од актуелниот олимписки првак.

Впрочем, денеска немавме ни кој знае какви амбиции во Вараждин, зошто по нерешените 26-26 на мечот Словенија – Чешка пропаднаа сите наши надежи дека ќе дојдеме до третото место во полуфиналната група 2, кое ќе ни овозможеше да се бориме за петтото место на Европското првенство.

„Сè се сврте наопаку по одличните партии во Загреб. Како некоја друга екипа да играше деновиве во Вараждин. Шпанија ни нанесе тежок пораз, па Чешка со пресврт нè доби вчера. Денеска одигравме добро прво полувреме, но потоа повторно се покажа дека не можеме да одиграме во сите 60 минути“, рече Филип Талески по мечот.

Селекторот Раул Гонзалес денеска им даде шанса на сите. Првите 30 минути ни дадоа убава претстава, но затоа следните нè урнаа, потонаа.

„Ова е најдобро искуство и мора да извлечеме поуки од начинот на кој паѓавме, особено во вторите полувремиња од средбите со Чешка и со Данска, иако и со Шпанија имавме еден крајно лош период во вториот дел од првите 30 минути. Има талент, има иднина, но мора да менуваме некои работи“, заврши левиот бек на Македонија и на Рајн Некар Левен.