Владата во овие четири месеци се движи во целосно спротивен правец од ветувањата што ги дававте пред изборите, а вашата политика нема никаков ‘рбет, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник Венко Филипче, на денешната собраниска седница во пратеничкото прашање упатено до премиерот Христијан Мицкоски.
– Целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор – договор за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, истиот договор стана „ремек-дело на дипломатијата”. Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните – рече Филипче.
Лидерот на СДСМ го повика Мицкоски да го врати мандатот како што тоа го ветувал во предизборната кампања.
– Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде премиере, еве сега е шанса, во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами тоа и со гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ‘рбет, но тоа го знаевме. Вие, премиере, го редефиниравте политичкото лицемерие и популизмот. Вашиот ‘рбет се свитка, а вашите принципи паднаа – порача Филипче.