Вицепремиерот Арбен Фетаи реагираше во врска со последните инциденти со сквернавењето на знамињата во Р* М. Според него, „палењето на македонското и албанското знаме синоќа е кукавички чин, кој покажува опасен пораст на нетрпеливоста и екстремизмот“. „Ваквите чинови на омраза и поделеност ѝ нанесуваат штета на стабилноста на нашата земја и ја загрозуваат нашата иднина како мултинационално општество.“ – нагласува Фетаи. Ова го објави ТВ Шења во својата информација со наслов „Арбен Фетаи: Колку казни се изречени за извикувањата ‘Добар Албанец е мртвиот Албанец?“.
Телевизијата ја пренесува објавата на вицепремиерот Фетаи на општествените мрежи, кој натаму истакнува: Проблемот е подлабок одошто овие изолирани инциденти. Јазикот на омраза и екстремизмот уште од порано навлегоа во многу делови на општеството, поттикнувајќи натамошна поделба и нетолеранција. Колку казни се изречени досега за екстремистите, кои бараат гасни комори за Албанците, или кои извикуваат „Добар Албанец е мртвиот Албанец“?
Оваа клеветничка средина е поттикната од корумпирани политичари-екстремисти, од дестабилизирачки актери, кои манипулираат со граѓаните и ги индоктринираат, заради своите лични интереси. Мораме заедно да го отфрлиме екстремизмот и да бараме одговорност за секое кривично дело на говор на омраза, или нетолеранција врз национална основа. Правдата мора да биде слепа, нееднострана и примерна – селективната одговорност само ги продлабочува поделбите и раѓа поголема омраза.
Само преку правда, меѓусебно почитување и единство против екстремистите можеме да ја зачуваме иднината на нашата земја. Време е омразата да се замени со дијалог и да се повикаат на одговорност екстремистите и дестабилизирачките актери.