Во Македонија следува период на претежно стабилно и многу топло време. Мaксималните температури ќе бидат над 30, а долж Повардарието и над 35 степени. Утринската ќе се движи од 11 до 19, а дневната од 31 до 37 степени. УВ-индексот ќе има вредност 8.
Поради топлотниот бран Министерство за здравство препорачува избегнување директна сончева изложеност и престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, консумирање лесна храна и течности, најдобро обична вода и избегнување алкохолни пијалаци. Хронично болните лица треба редовно да ја користат препишаната терапија.
“Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор најдете можност за почести одмори под сенка. Пред влегување во возило, тоа да се проветри, да се внимава при подготовка и консумирање на храната, да се избегнуваат термички необработени производи како мајонез од домашни јајца и внимателно да се јадат сладолед и разни кремови”, се наведува во пораката од Министерството за здравство.