Германските власти со страв се подготвуваат за враќање на Доналд Трамп на претседателската функција во САД, пишува „Фајненшел тајмс“.

Според изданието, во германското Министерство за надворешни работи била формирана „кризна група“ за да го разгледува и да се подготви за можното враќање на Трамп.

Долго време Берлин сметаше дека е малку веројатно Трамп да победи на претстојните избори. Сепак, промените во политичкото опкружување, вклучително и откажувањето на Џо Бајден да учествува на изборите, го сменија овој став.

„Во германското Министерство за надворешни работи, дипломатите итно се подготвуваат за сценарио кое многумина го сметаа за неверојатно: враќање на Доналд Трамп во Белата куќа. Ова е настан кој може да има сериозни последици“, забележува „Фајненшел тајмс“.

Германското Министерство за надворешни работи е особено загрижено поради можната одлука на новата администрација во Вашингтон да ревидира или повлече некои безбедносни гаранции, вклучувајќи и прашања поврзани со НАТО.