Утре истекува рокот за поднесување на нови обвиненија по предметите кои произлегуваат од прислушуваните материјали но сомневањата за кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори мора да бидат доистражени и покрај истекот на рокот од 18 месеци сметаат дел од експертите.
Според адвокатот Звонко Давидовиќ политичарите скроиле многу стручен закон со куси рокови, но тоа не значи дека не постои начин индициите за криминал да бидат докрај истражени.
„Но ништо не го спречува и редовното јавно обвинителство, нормално не во ваков состав затоа што апсолутно не работи, односно потфрли заради што и постои СЈО, но со една кадровска и персонална промена мислам дека ќе може да го сработи овој дел. Зошто? Затоа што не е исклучива надлежност на СЈО да гони високи функционери за сомневања за сторени кривични дела и за некој што проневерил пари од власта. СЈО има надлежност да ги испитува прислушуваните разговори и кривичните дела кои произлегуваат од нив. Но воглавно прислушуваните разговори беа за злоупотреба на службената положба, финансиски криминал и сите тие кривични дела кои оставаат материјални траги“, вели Давидовиќ за 24 вести.
Токму во овој дел ќе треба да продолжи работата на редовното обвинителство, кое до сега иако ги имало индициите не постапувало професионално, туку партиски, поради што и се создаде потребата за формирање на СЈО. Надеж за владата е дека СЈО во иднина ќе може да функционира како посебно оделение во ОЈО кое што ќе продолжи да ги истражува прислушуваните материјали.